Градоначалникот на Велес го укина бесплатнот превоз на учениците и ги приклучи кон општинскиот превоз на патници

Црното владеење на нашиот градоначалник Аце Коцевски, заедно со неговото советничко мнозинство, не запира. Од ден на ден, од седница на седница, се соочуваме со одлуки кои не му доликуваат на нашиот град, одлуки кои не им доликуваат и не се во корист на нашите сограѓани. Црното владеење и црните одлуки на г-нот Аце Коцевски и владеачкото мнозинство советници, донесоа уште една  катастрофална одлука на последната седница на Советот на Општина Велес.

Овде, како опозиција и најголем коректор на власта, мораме да напоменеме, повторно и повторно, дека одлуките се носат во тотален медиумски мрак, далеку од очите на јавноста, и истото ќе го повторуваме се додека не се обезбеди потребното присуство на медиумите и нивните претставници на овие јавни седници, кои треба и мораат да бидат јавни и транспарентни.

Овој пат, почитувани велешани, одлуката ќе влијае на нашите најмали, на нашата иднина, а тоа се учениците. Овој пат, како никогаш досега е направена бескомпромисна штета на најмладите, на учениците основците и средношколците,како и на родителите на овие ученици.

Имено, спротивно од ветувањата на г. Аце Коцевски, дека ќе обезбеди бесплатен превоз за наставниците, истиот тој, го укина и бесплатниот превоз за учениците, и ги приклучи кон општинскиот превоз на патници.

Иако градоначалникот ветуваше отворена и модерна општина за сите, истиот тој, без никакви претходни консултации со родителите на учениците, без да размисли за нивната безбедност,донесе одлука, учениците да се возат во јавен превоз,со изговор дека на тој начин ќе се заштедело.

Господине Коцевски, не понудивте детална анализа за сите постоечки линии. Како ќе се превезуваат оние ученици од руралните средини каде нема линиски превоз?

Со оваа одлука, не само што се отежнува и усложнува превозот на учениците до нивните училишта, згора над се, се става под знак прашалник и нивната безбедност. Тие слегуваат на најблиските, неадекватни постојки до нивните училишта, од каде треба да преминат по две или три улици за да стигнат до нивните училишта. Освен оддалеченоста, во прашање е времето на чекање. Почетокот и завршетокот на часовите на учениците не соодветствува со временските линии на општинскиот превоз.

Тоа е уште една, дополнителна грижа за родителите на овие деца.

Овде јавно, Ве прашуваме, како ќе се превезуваат ученицитеод населбите и населените места, каде нема општински линиски превоз? Зарем едни ученици ќе добиваат превоз каков што доликува и е самостоен, а други ќе добиваат општински линиски превоз. Зарем ова не е класична дискриминација како за учениците, така и за нивните родители?!

Ве прашуваме, господине Аце Коцевски, дали заборавивте на вашите предизборни ветувања каде зборувавте за квалитетен и безбеден превоз на учениците?

Одговорите на овие прашања им ги должите учениците, на основците, на средношколците, на родителите и на граѓаните на нашата Општина!

Доколку пак сметате дека: „Прашањето за доброто и безбедноста на учениците од нашата општина не заслужува одговор“, тогаш продолжете со вашето црно владеење и носење на црни одлуки за нашиот град, тоа граѓаните го препознаваат и го паметат.