Во Скопје има подземни контејнери на 42 локации- Годинава ќе се инсталираат уште 12, придобивките се големи

Подземните контејнери во Скопје се покажаа како добро решение за управување со комунален отпад, истакна денеска градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски. Трајановски упати апел до сите граѓани, правилно да ги користат подземните контејнери да не го оставаат ѓубрето до нив и да не ги оштетуваат. Посочи дека до сега во Скопје такви контејнери се инсталирани на 42 локации. За оваа година најави дека ќе бидат инсталирани уште 12 по 3 контејнери во 4 општини. Градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски истакна дека целата инвестиција во Аеродром е околу 6,6 милиони денари од кои една третина обезбедила општината. Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Ракип Дочи појасни дека една од придобивките од овие контејнери е тоа што отпадот е под земја и исклучена е можноста да се расфрла од кучиња или мачки скитници и нема ширење миризба. Додаде дека лани биле инсталирани подземни контејнери во општините Аеродром, Кисела Вода, Гази Баба и Чаир по три локации.