Комплетно нова опрема за физикална терапија денес беше ставена во функција во поликлиниката „Букурешт“. Министерот за здравство истакна дека е заменета претходната опрема која во најголем дел била дотраена и набавена во раните осумдесети години.Набавени се и два шок бранови апарати, за аналгетско разбивање на калцификати, еден во поликлиника Букурешт, а другиот во поликлиника „Јане Сандански“.- Ваков апарат за прв пат се набавува во јавно здравство на ниво на здравствен дом. Ова сериозно ќе овозможи подобар третман, подигнувањето на нивото на третманот, а ќе се намали и трошокот за пациентите бидејчи тука третманот ќе чини 350 денари, истакна Тодоров. Физикална терапија во оваа поликлиника годишно користат околу 11 илјади пациенти, а статистиката покажува дека од година во година бројот на пациентите се зголемува. Набавката на оваа опрема, која чини 4 милиони денари, ќе значи поквалитетна здравствена услуга и опслужување на поголем број пациенти.