Брејвик ја тужи Норвешка за нечовечко однесување

Масовниот убиец Андерс Брејвик денеска се појави пред суд во предмет во кој тој ја тужи Норвешка за нечовечко однесување. Овој случај во норвешката јавност го покрена прашањето како да се постапува со човек кој во 2011 година уби 77 лица, пренесуваат британските медиуми. На пристигнувањето во судот Брејвик салутираше со нацистичкиот поздрав, кревајќи ја десната рака. Тој смета дека неговата изолација во затворот ја прекршува забраната за „нечовечко и понижувачко однесување“ од Европската конвенција за правата на човекот. Предметот ќе се разгледува од денеска до петок во преуредената гимнастичка сала во затворот во Шиенкаде Брејвик ја издржува својата казна. Одлуката на судот ќе биде објавена во следните недели.